Американскиот Стејт Департмент потврди дека уште еден американски дипломат станал жртва на мистериозните здравствени инциденти на Куба, со што бројот на „нападнатите“ дипломати изнесува 26.
Портпаролката на Стејт Департментот, Хедер Нојерт изјави дека е „медицински потврдено“ дека дипломатот имал здравствени ефекти слични на оние кои што ги пријавиле и другите членови на американската дипломатска заедница во Хавана.
Според зборовите на Нојерт, тој и уште еден друг случај кој што бил потврден во текот на минатата седмица се резултат на истиот напад од крајот на мај во дипломатската резиденција во која што двајцата дипломати со исти симптоми биле сместени.
Двајцата дипломати се првите потврдени случаеви во Хавана откако изби големиот скандал во 2017-та година, во кој американските власти ги обвинија кубанските власти за извршување на мистериозните сонични напади на нивните дипломати.
Најновите пациенти имале низа на исти симптоми и кај двајцата биле забележани благи повреди на мозокот. Нојерт додаде дека кубанските власти ги увериле Соединетите Американски Држави дека ќе ја продолжат истрагата.
Неодамна докторската екипа која што ги лекуваше американските дипломати на Куба соопшти дека биле откриени мозочни абнормалности додека биле вршени истражувања на оштетувањето на слухот, видот, рамнотежата и меморијата кај пациентите.