ПОЖАРНИКАР ВДИШАЛ ЧАД ПРИ ГАСЕЊЕ НА ПОЖАРОТ ВО ПОРАНЕШНА „КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА“, СЕГА Е ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА

136

Еден пожарникар е полесно повреден во пожарот кој утрово изби во зградата на стара „Комерцијална банка“ во Скопје, каде сега е сместен Инспекторатот за животна средина. При интервенцијата пожарникарот вдишал чад, но е во стабилна состојба и нема потреба да биде хоспитализиран.

„При интервенцијата кај еден пожарникар дојде до загушување од вдишан чад, но веднаш интервенираше екипата на Брза помош, дадено му е кислород и сега е во стабилна состојба. Други повредени нема, во зградата кога изби пожарот околу 6.50 часот немаше луѓе“, вели командантот на Бригадата за противпожарна заштита Владимир Симоновски.

На терен интервенирале 9 возила и 24 пожарникари. Пожарот е локализиран околу 8.50 часот, а зафатен е само првиот кат на зградата каде исто така се сместени и Секретаријатот за европски прашања и државната агенција МИА.

„Стануваше збор за сложена интервенција бидејќи простории на некогашна ‘Комерцијална банка‘ се преградувани со гипс картон и стакло за да се изведат канцеларии. Не можевме од внатре да пристапиме до пожарот, па моравме од надвор да кршиме стакла за да го локализираме. Проблем беше што во 7 часот кога пристигнавме немаше ниту еден вработен да ни даде шема за пристап во просториите“, додава Симоновски.

Дополнител проблем за пожарникарите било и тоа што во цела зграда нема ниту еден хидрант.

Според првичните проценки, причина за избувнување на пожарот е електричната инсталација.