Македонската кошаркарска репрезентација доби пеколно тешка група во квалификациите за Евробаскет 2021. Нашиот национален тим ќе биде дел од групата Б, каде за ривали ќе ги има селекциите на Русија, Италија и на Естонија.
Првите впечатоци се апсолутно негативни, со оглед на фактот дека станува збор за исклучително силни ривали, против кои ќе биде исклучително тешко да се стигне до позитивен резултат. НБА-кошаркарите сигурно нема да настапат во овие квалификации, а шанса за нас може да биде доколку продолжи „војната“ меѓу Евролигата и ФИБА Европа, па кошаркарите од елитното клупско натпреварување да не добијат дозвола од своите клубови за настап за своите репрезентации.
Против селекцијата на Естонија последен пат се сретнавме во квалификациите за СП 2019, кога претрпевме два порази, во Скопје и Талин, по што паднавме на дното на европската кошарка и бевме принудени да играме две рунди претквалификации за да стигнеме до главните квалификации за следниот европски шампионат.