Светска банка: Македонија е во најдлабоката рецесија во последните две децении поради пандемијата

65

Меѓународната финансиска институција за годинава предвидува пад од 4,1 отсто на БДП, но раст од 3,6 отсто следната година

Мерките на Владата за поддршка на стопанството се оценети како позитивни

Oд регионот економски најлошо стои Црна Гора, со пад на БДП за 12,4 отсто

Светска банка во последниот извештај предвидува дека земјава годинава ќе ја заврши со пад на БДП од 4,1 отсто, а за наредната и за 2022 година прогнозира раст од 3,6, односно 3,5 отсто.

Ова беше соопштено денеска на онлајн-презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан бр. 18, во кој се констатира дека поради ковид-кризата земјата се соочува со најдлабоката рецесија во изминатите две децении.

„Ограничување на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година“,

истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава на презентацијата на извештајот.

Позитивни краткорочни изгледи, но крајот на пандемијата не е на повидок

Мерките на Владата се оценува дека го ублажиле влијанието од кризата врз пазарот на трудот, работниците и фирмите, но и покрај тоа стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, што е за првпат од 2011 година.

Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, наведуваат во извештајот, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци.

„Краткорочните изгледи за Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето“,

оцени Паолучи, кој додаде дека и понатаму економските и социјалните мерки за справување со кризата ќе бидат главен приоритет, како и среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики.

Од Светска банка сметаат дека доколку има порестриктивни мерки, тие нема да имаат толкаво влијание како на почетокот на кризата.

„Наша претпоставка е дека шокот врз потрошувачите и фирмите би бил помал бидејќи во изминатите месеци имаа време да се приспособат и вкупниот ефект би бил помал од оној во април и мај“,

рече Бојан Шимбов од Светска банка.

Најлоша во регионот е Црна Гора

Но, нашата земја не е единствената која е погодена, туку сите држави од Западен Балкан се соочуваат со рецесија. Поради тоа, регионалниот раст се предвидува да се намали за 4,8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентен поен пониско од априлската проекција.

Во регионот најголем пад се предвидува во Црна Гора од 12,4 отсто, Косово 8,8 отсто, Албанија 8,4 отсто, БиХ 3,2 отсто и Србија 3 отсто. За сите земји следната година е предвиден раст: и тоа 6,9 отсто за Црна Гора, пет отсто за Албанија, 3,7 отсто за Косово, три отсто за БиХ и 2,9 отсто за Србија.

Позитивно, според Светска банка, е што во Македонија, Србија и БиХ добар дел од фирмите се изјасниле дека во последните три години вовеле нови производи и услуги што би им помогнале да се приспособат на новата реалност.