Порано ги исмевале, денес се горди на себе: Крупни Македонки кои профитираа од килограмите

161

Облините веќе одамна ни се сервираат позитивно во маркетиншките кампањи и тоа секако влијае позитивно кај Plus-size девојките. Годинава дури и едно истражување на Универзитетот во Тексас покажа дека жената со идеална фигура е британската манекенка и актерка Кели Брук која се прослави токму по облините.

Денес кога сѐ погласно се зборува за различностите, на младите девојки со вишок килограми веројатно им е малку полесно да ја пребродат онаа фаза на повлеченост и несигурност, иако транзицијата од буцкаво девојче во жена со облини најчесто е специфичен период во кој многу девојки никогаш не успеале да се прифатат такви какви што се.

Затоа, секоја девојка која успеала да се ослободи од стереотипите и која одлучила да ги брои искуствата во животот наместо килограмите е успешна девојка. Кај нас има неколку такви. Храбри дами кои се успешни во тоа што го работат и што е најважно – уживаат во сопственото тело.

Ивона Јовановиќ е млада пејачка и влогерка која откако одлучи отворено да зборува за вишокот килограми и да се чувствува пријатно во сопствената кожа, доби илијадници следбеници на социјалните мрежи. Нејзините постови за женското тело во сите негови форми и облици наидоа на одличен прием кај публиката. Откако се охрабри да ги отстрани лошите навики од своето секојдневие и сериозно да поработи на себе, преку ноќ стана инспирација за многу девојки и жени. Огласувачите го препознаа нејзиниот искрен пристап, па често ја ангажираат.

Со нејзината трансформација инспирира многу девојки: Ивона Јовановиќ 

Јовановиќ која со години одбивала да облече костим за капење, која како што раскажа во еден пост, се криела и добивала погрдни зборови, сега ја научила лекцијата дека ако не се вреднуваме самите, нема да не вреднуваат ни другите.

– Жените како тебе не се случуваат често. Никогаш не заборавај колку си уникатна – напиша Ивона во една од нејзините последни објави на „Инстаграм“.

Веројатно повеќето од вас слушнале и за Христина Младеновска позната како Кика Авеиро, Plus-size модел и популарна јутјуберка. Таа работи и на иницијативата Womenpreneurs Stories чија цел е споделување на приказни и охрабрување на жените во бизнис светот. Членува и во Младинскиот совет на Американската амбасада во Македонија. Авеиро редовно објавува видеа, а меѓу темите на кои што зборува, секако се провлекува и онаа како да научиме да си го сакаме сопственото тело. Како и секое друго дете кое изгледало малку поинакво од другите, и таа порано се соочувала со недолични довикувања и навреди.

– Тоа имаше големи последици врз мојата самодоверба. Бев многу повлечена и срамежлива и не сакав да излегувам од дома. Со работа на себе и најмногу со моите мисли, успеав да ги надминам тие непријатни ситуации – раскажа во една прилика.

Кика Авеиро на последниот Моден викенд во Скопје 

За среќа, денес има сосема поинаква перцепција и точно знае како да ги потенцира вистинските квалитети наспроти физичкиот изглед. Девојка со раскошни облини која секогаш носи храбри одлуки, како во професијата, така и во животот воопшто. Затоа е и често ангажирана во рамките на домашната модна сцена.

Веќе подолг период влогови снима и Христина Цветкоска. Популарната Кике Цветче нема проблем да ги покаже сите свои несовршености. Како што самата изјави во една прилика, пробува да ги надмине стереотпите дека девојките мора секогаш да се прикажуваат како женствени и отмени.

Цветкоска нема проблем да ги покаже своите несовршености

– Отсекогаш кажувам дека секој треба да си се чувствува удобно во своја кожа. Сѐ дур е така, никој не е доволно достоен да ти диригира како ти да изгледаш. Одлуката да смениш нешто во твојот изглед треба да произлегува од тебе, а не од нечие туѓо мислење. Така што, мојот совет кон сите жени, мажи, девојки и момци не е само да се прифатат, туку и да се сакаат самите себе и сопствениот изглед, ни раскажа шарматната јутјуберка.