Поплава во Австралија – евакуирани десетици илјади луѓе

336

Десетици илјади луѓе мораа да бидат евакуирани откако денеска обилните дождови го погодија источниот брег на Австралија. Во некои градови имаше поплави, а жителите мораа да се искачат до врвовите на куќите, соопштија локалните власти.

Девет лица загинаа од почетокот на невремето минатиот четврток, а спасувачките тимови трагаат по уште четири лица чие исчезнување е пријавено денеска, објави Ројтерс.

Премиерот Скот Морисон, кој невидените врнежи ги нарече „метеоролошка бомба“, рече дека војниците ќе бидат распоредени во најпогодените области за да спроведат спасувачки операции.

Австралиската метеоролошка служба соопшти дека се уште постои опасност од нови поплави на северот на државата Нов Јужен Велс (НСВ), бидејќи бурата се преселила на југ, од државата Квинсленд.

„Она што го гледаме денес е без преседан и предупредувањето што го добивме од метеоролозите е дека можеме да очекуваме работите да се влошат“, рече премиерот на Нов Јужен Велс во телевизиско обраќање.

Реката Бризбејн во главниот град на Квинсленд денеска се излеа, па улиците во Бризбејн, третиот по големина град во Австралија, беа поплавени.