Австралиската полиција во саботата објави дека пет лица ги загубиле животите во напад во трговски центар во Сиднеј, „како последица на дејствијата на напаѓачот“ за кој се верува дека немал помошници, јавуваат светските агенции.
Помошникот на полицискиот комесар, Ентони Кук, изјави дека пет лица загинале како „резултат на дејствијата на напаѓачите“ и дека „повеќе од неколку се пренесени во болница“.
Некои од нив се во тешка или критична состојба, рече тој.
Полицијата потврди дека напаѓачот е убиен.
„Врз основа на прелиминарните истраги, се чини дека овој поединец дејствувал сам“, рече Кук, додавајќи дека верува дека „повеќе не постои постојана закана“.
Според полицијата, напаѓачот дошол во центарот околу 15:00 часот по локално време, го напуштил, а набрзо се вратил и го започнал нападот со нож.
Од полицијата наведуваат дека ништо на местото на нападот не укажува на мотив, но не сакаат да ја исклучат „терористичката“ можност.
„Истрагата за инцидентот продолжува и нема дополнителни детали“.
Стотици луѓе беа евакуирани од трговскиот центар по инцидентот, објави новинската страница news.com.au.
Државната телевизија ABC објави дека некои луѓе се заробени внатре.
Двајца сведоци изјавија за Ројтерс дека слушнале истрели.
„И 20 минути откако луѓето беа изнесени од трговскиот центар, видов специјалци како ги „чистат“ околните улици“, изјави еден од сведоците.