Перез се обиде да ги смири навивачите по поразот од Сосиедад: Ова би требало да го цените…

861

Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид, по неочекуваниот пораз на „Кралскиот клуб“ од Реал Сосиедад со 0:2 на „Сантијаго Бернабеу“, на навивачите им испрати оптимистичка порака, додавајќи дека сепак би требало да ги ценат успесите кои во последните години ги постигна нивниот клуб.

„Низ историјата сме имале големи проблеми, но и покрај тоа освоивме 13 титули во Лигата на шампионите. Вчера на навивачите им го презентиравме трофејот од Светското клупско првенство, натпреварување кое го освоивме по четврти пат во последните пет години. Навивачите на Реал би требало да ја ценат оваа ера на успеси. Сепак, свесни сме дека покрај моментите на триумфи и освојување трофеи ќе има и тешки спортски моменти. Играчите ќе дадат се од себе со цел оваа екипа да има успеси во сегашноста и иднината“, изјави Перез.

За потсетување, Реал во неделата на свој терен загуби од Реал Сосиедад со 0:2 во 18. коло од Ла Лига. Актуелниот шампион Барселона моментално го зазема првото место со 40 бода, дури десет повеќе од Реал кој се наоѓа на 5. место со 30 бода. Второто место го зазема Атлетико Мадрид со 35, трета е Севиља со 33, додека на четвртото место се наоѓа Алавес со 31 освоен бод.