Европскиот парламент вчера одобри нов закон со кој се забрануваат пластични предмети за еднократна употреба како што се чинии, прибор за јадење или цевки за пиење. 560 пратеници гласале за договор постигнат со министерите на ЕУ, 35 биле против и 28 воздржани.
Како што се наведува во соопштението, следните производи од 2021-ва година ќе бидат забранети во ЕУ:
– прибор за јадење за еднократна употреба
– пластични чинии за еднократна употреба
– пластични цевки
– стапчиња за уши изработени од пластика
– пластични стапчиња за затворање на балони
– оксоразградлива пластика и кутии за храна и чаши од експандиран полистирен
Според податоците на Европската комисија, повеќе од 80 проценти од морскиот отпад е пластика. Производите опфатени со овие нови закони сочинуваат 70% од сите предмети во морскиот отпад. Поради своето бавно разградување пластиката се собира во морињата, океаните и на плажите ширум светот. Пластичните остатоци се наоѓаат и во морските животински видови – како морски желки, китови и птици, но и во рибите и школките, а со тоа и во прехранбениот ланец на луѓето.
Новата цел за рециклирање и поголема одговорност на произведувачите
Државите членки до 2029-та година ќе мора да овозможат повторно собирање на 90 проценти од употребените пластични шишиња, а до 2025-та најмалку 25% од материјалите од кои тие шишиња се изработени ќе бидат прикладни за рециклирање. До 2030-та уделот на материјалите кои ќе може да се рециклираат ќе мора да биде барем 30%.
“Со овој договор воено се дава предност на примената на начелото “загадувачот плаќа”. Тоа посебно се однесува на произведувачите на цигари кои ќе мора да преземат поголема одговорност. Новиот режим ќе се применува и на риболовен прибор, за да се осигура дека произведувачите, а не рибарите, ги сносат трошоците на собирањето на мрежите изгубени во морето”.
Со овие закони се предвидува и задолжително поставување на ознаки за негативното влијание кое на околината го има фрлањето на цигари со пластични филтри и пластични чаши, како и мокри марамчиња, стои во соопштението.
Филтерите за цигари содржат целулозен ацетат, пластичен материјал кој сочинува до 60 проценти од нивниот состав и се втори по ред меѓу пластичните загадувачи кои се наоѓаат на европските плажи. Во извештајот поради тоа е додаден член во кој стои дека државите членки мора да постават цели за намалување на филтрите за цигари за 50 проценти до 2025-та година, односно за 80 проценти до 2030-та година.
“Ова е многу важно за планетата”
“Со ова законодавство за 22 милијарди евра ќе се намалат штетните резултати на околината. Толку, според проценките, би требало да биде трошокот на загадувањето со пластика во Европа до 2030-та година. Европа сега има законодавен модел за одбрана кој може да се прифати на глобално ниво, со оглед на глобалниот природен проблем на загадувањето на морињата со пластика. Тоа е многу важно за оваа планета”, изјавила Фредерик Риес од “Alde, Belgium”.
“Денес преземавме важен чекор со кој ќе го намалиме загадувањето во нашите мориња и океани. Можеме тоа навистина да го направиме. Европа поставува нови стандарди, отворајќи го патот на целиот свет да се приклучи”, коментирал Франс Тимерманс.
Советот на министрите на ЕУ треба сега и официјално да го усвои овој закон, по што ќе уследи објава во Службениот весник на ЕУ, а потоа државите членки на ЕУ ќе имаат две години тој закон да го внесат во своето законодавство.