Нов скандал со „Трансверзалец“, водичот ќе оставел двајца планинари на Кораб

818

Двајца планинари, од кои едниот со повредено колено, биле принудени да трчаат по автобусот од организираната тура за искачување на Кораб викендов оти водичот на групата решил да се вратат назад без нив.

Организиратор на турата било планинарското друштво „Трансверзалец“, кое ја организира и турата за искачување на Кајмакчалан кога загинаа двајца планинари. За последниот скандал алармираа планинари што биле сведоци на одлуката на водичот да тргнат иако недостигале двајца планинари.

„Нè оставија на 2 км од почетокот на патеката за искачување до врвот Голем Кораб и ни кажаа дека автобусот назад тргнува во 17 часот. Од организатори и водичи ни трага ни глас. Стигнав долу прв и морав да го барам автобусот што не беше на најавената локација. Стигнуваат и во автобусот влегуваат изморени луѓе и организаторот сфаќа дека недостигаат двајца и тргнува да ги бара, се враќа сам и му вели на шоферот да си одиме бидејќи се стемнува. Јас сфаќам дека се спремни да остават двајца луѓе сами во темница на планина и почнувам да се бунам. Автобусот тргнува. Двајца планинари што недостигаа се симнуваат по патот и трчајќи тропаат на автобусот со цел да запре за да влезат. Организаторите беа спремни да ги остават, ниеден водич не се загрижи, ниту одеше последен. Еден од двајцата го повредил коленото и морале да одат полека. Никогаш пак со ‘Трансверзалец’“, вели Марко Томиќ, еден од планинарите што го искачувале Голем Кораб.

Водичот од „Трансверзалец“, Јовче Николовски, за „Макфакс“ изјави дека два часа ги чекале планинарите што недостигале во групата пред да одлучат да си тргнат назад.

„Важно, со убаво заврши работата. Беше договорено автобусот да тргне во 17 часот. На сите јасно и гласно им кажав каде да се најдеме. Се симнаа половина. Половина се влечат, македонска работа. Се крена тензија, бараа да тргнеме оти два часа стоевме во место. Тие треба да бидат благодарни што ги чекавме. Уште кога сигнавме на Кораб, еден планинар рече дека ќе оди со приватен превоз, но ќе најави. Ние претпоставивме дека двајцата отишле заедно. Тамам тргнавме пополека, тие дојдоа. Немаа мрежа на телефоните“, вели водичот Николовски, кој се согласува дека не смееле да тргнат без да дојдат планинарите. 10-ина минути по изјавата, Николовски рече дека автобусот се поместувал на локацијата каде што требало да се чекаат, а не дека заминувал.

Од Федерацијата на планинарските спортови објаснуваат дека организаторот мора да се врати со ист број лица колку што имало кога тргнале на турата и негова обврска било да ги чека сите. Последниот водич, според Федерацијата, е обврзан да ги собере сите, дури и оние што евентуално заталкале.

„Не сме запознаени за ова. Деновиве треба да достават извештај, потоа ќе можеме да дадеме детали“, велат од Федерацијата на планинарските спортови.

Од „Трансверзалец“ велат дека викендов организирале две искачувања на Кораб, од кои едното било со ноќевање во шатори. Автобусот тргнал без планинарите дојдени на еднодневното искачување. Водичот Николовски вели дека токму поради тоа што имало две искачувања, кон врвот тргнале со еден водич, а се вратиле со двајца оти таму се споиле двете групи.

Двајцата планинари што трчале по автобусот се недостапни за изјава.

Превземено од tocka.com.mk