Нина Бадриќ со деби концерт во Скопје: Имам чувство како да пеам во парламент, не сме многу, но сме доволни!

938

Во Македонската филхармонија, синоќа, Нина Бадриќ го одржа својот солистички концерт во Скопје.

“Добро вечер, Скопје, многу ми е мило што конечно успеав да си ја остварам желбата и да одржам концерт овде. Имам чувство како да сум во некој парламент, а и можам одовде да ви ги видам лицата на сите. Не сте многу, но имам чувство како да пеам пред 15 илјади публика”, рече хрватската пејачка на почетокот на концертот кој го отвори со темата “Дане и године”, која е и последен сингл кој што го има снимено.

Топла, непосредна, комуникативна и полна со енергија. Облечена во црвено елегантно сако и панталони, со крената коса во пунџа и насмеана од шестка до шестка. Нина апсолутно со секоја песна носеше нова магија и ги растопуваше срцата на присутните во салата.

Првите 30 минути од концертот домашната публика ги помина срамежливо, во седење и внимателно слушање на вокалот на Бадриќ, за со првиот такт од “Додири од стакла”, сите да станат на нозе, и да пеат со неа во еден глас.

Посебна еуфорија предизвика изведбата на “Више смо од пријатељи” кога на сцена покани фан со кого танцуваше заедно, за на крај до го испрати од бина со бакнеж и прегратка.

Вреди да се споменат и имитациите на Јосипа Лисац кога го претставуваше бендот, но и изведбите на “Странац у ноќи” од Масимо Савиќ и “У љубав вјере немам” од Оливер Драгојевиќ.

Салата, за жал, не беше исполнета до последно место, но ентузијазмот на Нина беше поголем од се и како вистински професионалец даде максимум од себе за нејзиното деби во Скопје да помине забележано.
Запеа и на англиски и откри колку е возбудена, а имаше и специјална кореографија за “Такве као ти”.

Враќањето на бис беше сосема оправдано, а скопската публика ја испрати со моќната балада “Да се опет теби вратим” со која порача дека за брзо време ќе се врати пак.

Ветувам дека нема да чекате толку години за следна средба, беа зборовите со кои го заврши концертот кој кога ќе се собере и одземе се заслужува чиста десетка!