Николоски: Автопатите се градат со силна динамика, наскоро започнуваме со изградба на шестиот автопат Букојчани-Кичевo

55

Пет автопатски делници истовремено се градат во Македонија, а наскоро ќе започне и шестата. Коридорот 8 никогаш досега не се градеше со ваква динамика, а земјава во моментов реализира инфраструктурни проекти од обем со кој не може да се пофали ниту една друга држава во регионот, посочи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Вицепремиерот во интервју за ТВ Сител зборуваше за текот на работите на дел од автопатските делници, за роковите на изведба и за идните планирани проекти. На автопатот Кичево – Букојчани или популарната „Стража“, работите според Николоски се одвиваат со одлична динамика, а рокот на изведба се очекува да биде до крајот на 2029 година.

-Работите на авотопатот Гостивар – Кичево одат добро, таму е рокот крај на 2029 година, и ако треба денеска да кажам прогноза, мислам дека ќе се испочитува. Тоа е најтешката делница, популарната „Стража“, a со ова решение целосно ја заобиколуваме. Станува збор за еден тежок потфат, прв автопат кој што се работи од двете страни, нешто што Македонија досега го нема видено- рече  Николоски.

Планираната автопатска делница од Букојчани до Кичево, како што кажа, ќе биде шеста автопатска делница која оваа Влада започнува да ја работи.

-Во текот на оваа недела ќе биде изборот на изведувач, го работиме заедно со Европската банка за обнова и развој. Тие ја прават евалуацијата на понудите. Има три понудувачи, па ќе видиме кој ќе има најдобра понуда. Се надевам дека до крајот на септември, почеток на октомври и таму ќе имаме вовед во работа и тоа ќе биде шестиот автопат којшто истовремено го градиме во државата- истакна Николоски.

Тој исто така зборуваше и за текот на работите на автопатот Кичево-Охрид, каде според него во октомври годинава ќе се пушти во употреба најкомплицираната делница, а тоа се тунелите кај Пресека.

-Согласно динамиката, во октомври оваа година ќе го пуштиме најтешкиот дел, тоа се тунелите кај Пресека, кои што се најдолги тунели во државата и галериите, а во првото тримесечие следната година, во зависност од временските прилики, ќе го пуштиме целиот автопат- потенцира Николоски.

Како следни планирани проекти ги посочи ескпресните патишта Кочани-Виница-Делчево-граница со Бугарија и Радовиш-Струмица-Ново Село-граница со Бугарија, кои во моментов се проектираат.