Неверојатен момент во „Стејплс Центарот“: Тренерот на Клиперси, Док Риверс го прекина натпреварот во чест на Дирк Новицки

147

Сите останаа зачудени кога тренерот на Лос Анџелес Клиперс, Док Риверс на девет секунди до крајот на вчерашната средба против Далас повика тајм-аут.

Само неколку секунди подоцна стана јасно зошто легендарниот Риверс повикал минута одмор. 57 годишниот стратег замина на центарот на игралиштето на клупата на која седат официјалните лица и го зеде микрофонот во своите раце.

Во тој момент стана јасно дека Риверс ќе му оддаде почит на Дирк Новицки за кого ова ќе биде последно гостување во Лос Анџелес бидејќи легендарниот Германец најави пензионирање по крајот на оваа сезона.

Док Риверс ги повика сите присутни да станат и со овации да го испратат Новицки. Ваквиот потег предизвика силни емоции кај самиот Новицки кој едвај ги задржа солзите.

– Тоа беше многу емотивен момент. Навистина сум му благодарен- истакна Новицки по крајот на средбата.