Непушачите се жалат – се помалку се почитува Законот за заштита од пушење

760

Скопјани се жалат дека во голем број од угостителските објекти во градов не се почитува Законот за забрана за пушење. Тие велат дека сопствениците, а и гостите како да подзаборавија на ова законско решение кое беше донесено пред четири години од страна на Министерството за економија.

Од државниот пазарен инспекторат тврдат дека се прават редовни контроли за тоа колку се почитува или не овој закон, а за прекршителите се изрекуваат глоби. Контролите се прават секојдневно и тоа не само по угостителските објекти, туку и во сите трговски и занаетчиски објекти, бутици, продавници и сите единици од локалната самоуправа, а посебно е ригорозно во јавните здравствени установи.

Контролирањето на спроведувањето на Законот за забрана на пушење во јавните институции го врши трудовиот инспекторат, во училиштата просветниот инспекторат, а во болниците, здравствениот инспекторат. За подобро спроведување на Законот за заштита од пушење, инспекторите имаат законска дозвола, доколку при инспекциски надзор утврдат непочитување на забраната за пушење, веднаш да го затворат објектот. Затворањето ќе биде во траење од 7 дена за трговец-поединец и до 15 дена за правното лице. Инспекторите се воедно обврзани да изготвуваат квартални извештаи за утврдените неправилности кај физичките и правните лица и да ги објавуваат на веб страницата на Инспекторатот.

Анализите на Светската здравствена организација покажуваат дека Mакедонците се страсни пушачи, односно дека 40 отсто од македонската популација пуши. Антипушачките кампањи се оценуваат како неефикасни, а Законот за забрана за пушење на јавни места засега не ја постигна саканата цел.