Не се знае кој со кого се тепа во Солун: Средношколци протестирале против договорот со Македонија, а потоа десничарите направиле хаос

1132

Меѓу припадниците на екстремно десничарските организации и групите кои се борат против естаблишментот, денес во Солун дошло до судири, откако завршил протестот на средношколците против напорите на грчката влада да стави крај на три децении долгиот спор со Македонија.

Според наводите на локалните медиуми, националистите, кои носеле качулки, со камења ги гаѓале борците против естаблишментот.

Полицијата интервенирала употребувајќи солзавец за да ги растера десничарите, кои одговориле гаѓајќи ги со камења и други објекти, наведува грчкиот сајт Катимерини.

Претходно околу 1.200 средношколци, кои ги предводело момче на коњ, прегрнато со грчко знаме, марширале во Солун, протестирајќи против напорите на владата да стави крај на три децении долгиот спор со Македонија.

Учесниците на протестот мавтале со грчки знамиња, извикувале слогани и истакнувале транспаренти на кои имало натписи против Македонија, но и уште две соседни земји – Албанија и Турција, по се поголемата загриженост поради инфилтрацијата на националисти и припадници на екстремната десница во училиштата, наведува “AP”.

Протестите ги организирале грчки тинејџери, кои се заслужни и за тоа што средните училиште во Солун и во соседните подрачја со денови се затворени во знак на протест против предложениот договор за нормализација на односите со Скопје.

Претходно групата со име “Иницијатива за координација на училиштата и учениците во Атина”, протестирала во грчката престолнина, повикувајќи ги учениците да “не им дозволат на фашистите да најдат простор за изразување во училиштата”.