НАТО: На Србија е да одлучи за евентуален влез во Алијансата

780

НАТО ги почитува ставовите на секоја земја со која соработува, а Србија е добар партнер на НАТО и на неа да одлучи дали сака да стане членка, изјави денеска во Брисел заменичката на генералниот секретар на Алијансата, Роз Готемолер, јави дописничката на МИА од Брисел.

Таа смета дека српското партнерство со НАТО придонесува за поголема безбедност на граѓаните и НАТО помага за стабилност на целиот регион.

– НАТО ги почитува позициите на сите земји со кои соработува како и позициите на земјите членки. Тие самите прават избор за себе по прашањето на безбедноста. На Србија е да одлучи за евентуален влез во НАТО, но знам дека постои интерес за членство во ЕУ и тоа е добро, изјави таа пред самитот на НАТО.

Таа додаде дека НАТО ќе продолжи со соработката со Србија која учествува на вежбите на Алијансата.

– На почетокот на есента Србија ќе биде домаќин на годишната вежба за управување со последиците од природни катастрофи, рече Готемолер.

Овие вежби треба да се одржат во Младеновац и Аранѓеловац.