Конфликтот околу регионот Нагорно-Карабах меѓу Ерменија и Азербејџан тлее околу 30 години. Сега повторно избувнаа вооружени судири – најтешки од 2016 година наваму. Двете страни прогласија воена состојба.
Тешките борби меѓу ерменските бунтовници и Азербејџан продолжија рано утрината поради деценискиот територијален спор. Официјалните лица во отцепениот регион Карабах изјавија дека загинале вкупно 32 нејзини борци.
Портпаролот на ерменското министерство за одбрана изјави дека „интензивните борби продолжиле во текот ноќта“, додека претставниците на министерството за одбрана во Карабах потврдија дека загинале уште 15 борци, со што вкупниот број на воени жртви достигна 32 откако ескалираа судирите во неделата.
Во оваа ерменска енклава во Азербејџан вчера избија најтешките конфликти од 2016 година, наведува агенцијата Франс прес.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутераш, го повика Азербејџан и ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах веднаш да ги запрат борбите во оваа азербеџанска област. Гутераш ги повика двете страни да започнат и со деескалација на тензиите и без одложување да се вратат на смислените преговори, пренесе неговиот портпарол Стефан Дижарик.