Технолошките гиганти одамна имаат пристап до личните податоци на милиони луѓе кои често доброволно споделуваат информации за својот живот.
Организацијата наречена “Earnest Project” стравува дека еден ден нашите генетски информации би можеле да завршат во рацете на корпорациите кои немаат добри намери. За да го спречат тоа, тие одлучиле да ги поттикнат светските лидери да делуваат.
Анонимната организација тврди дека зела ДНК примероци од неколку светски лидери и познати личности кои присуствувале на Светскиот економски форум во Давос во 2018 година и се спремни да ги продадат на аукција, пренесува порталот за технологија и наука “One Zero”.
“Earnest Project” тврди дека собирала предмети и отпадоци кои ВИП гостите на форумот во Швајцарија ги оставиле зад себе, а на кои се наоѓаат траги од нивниот генетски материјал. На листата се наоѓаат американскиот претседател Доналд Трамп, неговиот француски колега Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, финансиерот Џорџ Сорос и ѕвезди како Елтон Џон.
Таканаречената “колекција Давос” која вклучува салфети, хартиени чаши, ластичиња за коса и вилушки е сортирана и проценета. Цената варира од 1.200 долари за човечка коса до 65.000 долари за чаша за вино. Меѓутоа, во каталогот не се наведува чиј генетски материјал ја носи секоја ставка.
Аукцијата на овие предмети требало да се одржи денеска (20-ти февруари) во Њујорк, но истата била одложена поради “нерешени правни прашања”, наведуваат организаторите.
Податоците за тоа дали на овие предмети во продажба има траги од ДНК на најголемите политичари не можат да се потврдат. Со тоа, никој сè уште не може со сигурност да каже дали ова е реална аукција или некој вид на перформанс за да се сврти вниманието кон проблемот на чувствителност на нашите податоци.
Според тврдењата на организацијата, нивната главна цел е подигнување на свеста за “надзорниот капитализам” бидејќи технолошките конгломерати можат да ги соберат најчувствителните податоци за корисниците. Организацијата е загрижена дека корпорациите на крајот би можеле да ги искористат нашите генетски податоци кои откриваат информации за било која човекова болест, потекло и многу друго. Целта на аукцијата е да се поттикне елитата да делува.
“Со собирањето и продавањето на клучни и чувствителни податоци за најмоќните луѓе на планетата, се надеваме дека ќе поттикнеме јавна реакција против надзорниот капитализам помеѓу елитата. Сите постојано ја изложуваме нашата ДНК околу нас и на фрлените предмети. Еднаш кога ќе започнете да обрнувате внимание, навистина е прилично едноставно да земете чија било ДНК”, стои во соопштението на “Earnest Project”.
Меѓутоа, тие се скептични поради можните реакции по покренатата акција.
“Прашање е дали моќниците ќе се заштитат само себеси или ќе нè заштитат сите нас”, велат од организацијата.