Судејќи според фотографиите кои ги објави новинската агенција „Анадолу“, градежните работи на мостот „1915 Чанакале“ кој Турција го гради преку теснецот Дарданели напредува со полна пареа.
Станува збор за висечки мост кој ќе биде долг 3563 метри, но тоа што ќе го издвојува е главниот распон со должина од 2023 метри со што ќе го престигне јапонскиот „Акаши Каикјо“ како досегашен мост со најголем распон на светот.
Новиот турски мост нема да биде најдолгиот на светот, туку ќе биде мост со најголема должина на автопат/железница помеѓу два пилони на мостот кои во овој случај ќе бидат со висина од 318 метри.
Мостот „1915 Чанакале“ го доби името по битката за Галиполи од Првата светска војна и ќе ги поврзува Европа и Азија на место кое се наоѓа на околу 200 километри јужно од Истанбул. Изградбата на овој голем мост ќе чини 3 милијарди долари, а мостарината би требало да изнесува околу 15 евра, плус ДДВ. Се очекува да биде завршен кон крајот на 2022-ра година.
Инаку, најдолгиот мост на светот е кинескиот Данјанг-Куншан кој е долг неверојатни 165 километри.