Меркел се премисли: Се повлекуваат строгите мерки за Велигден

170

Германската канцеларка Ангела Меркел ја повлече одлуката за дополнителното ограничување кое требаше да биде воведено за Велигден после острите критики на таа одлука.

Меркел на итно свиканиот состанок соопштила дека нема да се применува договорот кој таа и премиерите на 16-те покраини го постигнаа во вторникот рано наутро. Договорот предвидуваше строги мерки за време на велигденските празници според кој најголемиот дел од продавниците би биле затворени, а семејните групирања дополнително ограничени.

Според германските медиуми, на голем број на граѓани новите мерки кои биле договорени во вторникот им биле нејасни. Германските бизнисмени и претставници на индустријата утврдиле дека не им е јасно што новите мерки значат во пракса.

„Станува збор за моја грешка“, изјави канцеларката Ангела Меркел.

Германската сојузна и покраинските влади договорија продолжување на затворањето до 18-ти април, па ги повикаа граѓаните за време на велигденските празници пет дена да останат дома со цел да се победи третиот бран на пандемијата на коронавирусот.

Од друга страна, расте незадоволството меѓу граѓаните поради строгите мерки, а владеачката Христијанско-Демократска Унија на канцеларката Ангела Меркел бележи силен пад на популарноста во пресрет на изборите закажани за септември.