Американските истражители се сомневаат дека уште дури 30 тони дрога би можеле да бидат откриени на бродот „Гајан“ на пристаништето во Филаделфија, на кој американските власти во вторникот пронајдоа рекордни 16,5 тони кокаин.
Станува збор за најголемата заплена во историјата на Филаделфија и една од најголемите воопшто во светот, а во полициската акција беше уапсен Црногорецот Иван Ѓурашевиќ. Истрагата на американските власти и натаму трае, а бродот ќе остане во Филаделфија додека не заврши целата истрага.
Црногорецот после апсењето им открил на американските истражители дека неговата улога била само да го натовари кокаинот, за што добил 50 илјади долари. Ѓурашевиќ открил дека главниот официр го повикал на палубата кога бродот го напуштил Перу. Кога се качил на палубата, забележал дека бродскиот кран извлекува од морето мрежа, а наместо риба, на бродот биле натоварени црни вреќи полни со кокаин.
Подоцна било откриено дека дрогата во мрежата завршила така што претходно била исфрлена од 14 помали чамци кои во различен временски период му приоѓале на бродот. Неговата работа била, заедно со уште неколку помагачи, да ја натовари дрогата на бродот.
Американските истражители сметаат дека Филаделфија не била последната станица на пратката и дека дрогата била наменета за европскиот пазар, првенствено за Холандија и Франција. Во прилог на тоа оди и фактот што тоа воедно биле и следните дестинации кои бродот требало да ги посети.