Македонските граѓани чуваат над 418 милијарди денари во банките

51

Македонските граѓани во банките низ земјава чуваат 418,644 милиони денари. Поголем дел од депозитите се однесуваат на физички лица, а помал на корпоративниот сектор. Податоците на Народната банка (НБРСМ) покажуваат дека ,заклучно со септември оваа година, граѓаните во банките имаат 278,469 милиони денари од кои 145,806 милиони во денари и 132,663 милиони во странска валута.

Вкупните депозити, пак, кај корпоративниот сектор изнесуваат 112,505 милиони денари од кои 79,641 милиони во денари и 32,865 милиони во странска валута.

Во земјава денеска се одбележува Светскиот ден на штедењето – 30 Октомври, а податоците за раст на депозитите укажуваат на доверба на граѓаните во банките.

На месечна основа во септември бележат раст од 0,7 отсто, што е резултат на зголемување на депозитите на секторот домаќинства при умерен раст на депозитите на корпоративнитот сектор.

Вкупните депозити на домаќинствата во септември се зголемени за еден отсто на месечно ниво, воглавно под влијание на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при позитивен, но помал придонес и на останатите компоненти. На годишно ниво, депозитите на домаќинствата растат за 6,1 отсто, во најголем дел поради зголемувањето на депозитните пари, како и краткорочните депозити во странска валута, при остварен пад кај останатите компоненти.

Износот на депозити во септември минатата година е 394,472 милиони денари од кои 262,458 мииони денари отпаѓаат на домаќинства, а 104,178 милиони денари на корпоративниот сектор.

Банкарскиот сектор во земјава се оценува како стабилен. Годинава ја одбележа пропаѓањето на „Еуростандард банка“ на која и беше одземена дозволата во август, но депозитите покажуваат раст и по тој момент, како и во време на здравствената криза предизвикана од ковид-19.

Штедачите, согласно закон, од пропадната „Еуростандард банка“ веќе се обесштетуваат, а според информациите од некои од банките преку кои се врши овој процес, дел од штедачите одлучуваат да ги дадат депозитите во друга банка.

– Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите, штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија, оценуваат од Македонската банкарска асоцијација (МБА), од каде порачуваат дека силна и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството.

– Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење што се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка што, во согласност со европските стандарди и регулатива, се законски гарантирани, додаваат од МБА.

Од таму укажуваат дека независноста и професионалноста на Народната банка, постојано се нотирани од меѓународните финансиски институции, како и од Европската Унија. Истовремено, континуирано се високи и позитивни и нивните оцени за остварувањето на целите и задачите на Народната банка, како и за усогласеноста на севкупното нејзино работење со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Вклучително и во текот на актуелната ковид-криза, кога уште еднаш се потврди дека Народната банка, суштински е стожерот на финансиската и севкупната макрофинансиска стабилност.

Позитивни оценки за банкарскиот сектор имаше и во извештајот на Европската комисија.

– Банкарскиот систем останува добро капитализиран и ликвиден, со стапка на адекватност на капиталот што го надминува регулаторниот минимум. Квалитетот на кредитното портфолио, според оцените на Комисијата, е подобрен во изминатиот период, при што е намалено учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем, се наведува во Извештајот.