Македонија тргнува офанзивно од првата минута против Ерменија

207

Македонскиот селектор Благоја Милевски по неколкудневните мини-подготовки се чини и дефинитивно го склопи новиот лик на националниот тим за септемврискиот квалификациски циклус.

Во голема мера веќе е познат и почетниот тим за денешниот мегдан на националната арена „Тодор Проески“, на кој новиот македонски селектор ќе тргне, согласно сопствените долгогодишни убедувања, низ офанзивна формација во желбата за три бода со Ерменија.

Во нападот Македонија ќе стартува со повратникот во националните редови Адис Јаховиќ како прв офанзивец, со поддршка од офанзивните крилни играчи Дарко Чурлинов од Шалке 04 по левата страна и Александар Трајковски на спротивниот дел од теренот. Во средината како креатор на напаѓачкиот ритам Елиф Елмас.

Во средниот ред по отсуството на повредениот Аријан Адеми, но и недоволно подготвениот Бобан Николов по прележаниот Ковид-19, се очекува да стартуваат Енис Барди и Стефан Спировски, иако како опција од првата минута е и Тихомир Костадинов. И во дефанзивата Велковски и Муслиу, заедно со Алиоски и капитенот Стефан Ристовски на крилните одбранбени линии, пред голманот Столе Димитриевски.

„Имавме краток период за подготовки, но тоа што го видов од момците ми дава за право да бидеме позитивни. Периодот е специфичен, многу од фудбалерите сеуште го немаат правиот натпреварувачки ритам, или имаат мала минутажа во своите клубови, тоа може да биде наш проблем, но затоа се освежувањата во тимот. Знам дека ќе го дадат својот максимум и ќе потврдат дека со право се тука. За сите тактички работи не би зборувал, сите конкурираат за првите 11, исто како и за формацијата во која ќе настапиме“ – истакна селекторот Милевски на вчерашната последна прес-конференција пред денешниот натпревар.

Натпреварот меѓу Македонија и Ерменија на националната арена „Тодор Проески“ во 4. коло од квалификациите за СП 2022 се игра со почеток од 20:45 часот.