Македонија се бори лавовски, водиме со 2 разлика на полувреме против чесите

72

Македонија има предност од 11-9 по првото полувреме од дуелот со Чешка, меч во кој двете селекции играат одлично во одбраната, но имаат потешкотии со нападите. „Црвено-жолтите“ делуваат подобро на теренот, Мишевски е вистинско освежување во дефанзивната зона, а пред крајот на полувремето головите за предност ги постигнаа Кузмановски и Талески, кои би требало да играат значајна улога и во вторите 30 минути.

Лазаров од седмерец го реализираше првиот напад на Македонија, но на спротивната страна Талески на самиот почеток заработи исклучување од две минути. Чешка првпат поведе во шестатаминута по контранападот на Хрстка (2-3), но Лазаров со проектил од девет метри веднаш донесе израмнување. Мишевски по само неколку минути игра влезе за да ја засили одбранбената зона, но примивме два гола од крило и Чешка пак поведе (4-5).

Проблемите со играч повеќе од првиот меч продолжија и денеска, откако не искористивме два напади да поведеме при резултат 5-5 откако исклучен беше Земан. Борко Ристовски асистираше во контранапад до Георгиевски, па одбрани зицер во ситуација кога бевме со ракометар помалку на теренот, по што капитенот Лазаров донесе прво водство од два гола за Македонија (7-6). Првиот гол со ракометар повеќе го постигнавме дури во четвриот обид, откако Стоилов реализираше на асистенција на Лазаров за водство од 8-6.

Имавме неуспешен обид за цепелин од Лазаров до Талески во нападот во кој можевме да стигнеме до „плус три“, но Ристовски одбрани седмерец, за уште поголеми главоболки на Чесите, кои во првите 23 минути постигнаа само шест погодоци. И повторно не искористивме уште два напади со играч повеќе, по новото исклучување на Солак од шест метри непрецизен беше и Стоилов, а чешкиот состав го искористи тоа и во 27. минута израмни на 8-8. Серијата од неполни седум минути без гол конечно ја прекина Кире Лазаров, Кузмановски зголеми на 10-8, но пред крајот на полувремето македонскиот капитен заработи исклучување. Чесите намалија, но Талески со прекрасен удар од девет метри ја врати предноста од два гола по 30 минути игра во Виена.