Мајката на исчезнатото момче од Скопје: Помогнете ми да го најдам синот, МВР седум дена ништо не откри!

414

Деновите минуваат, а од мојот син Пино нема ниту трага, ниту глас. Кучиња исчезнуваат, па побргу се наоѓаат, а не пак возрасен човек со автомобил, не знаеме веќе што да мислиме и од каде да бараме помош – за „Фокус” раскажува Маја Трпковска, мајка на Пинета Секундо, познат како Пино, 26-годишното момче од Скопје, на кое му се губи секаква трага од минатиот понеделник.

Очајната мајка го пријавила случајот во полиција, но апелираше и на социјалните мрежи. Сепак, вели дека се уште нема ништо, и покрај тоа што уште во петокот во полиција ги доставила кодовите од мобилните телефони на нејзиниот син, со цел да бидат лоцирани.

Пино е роден во Италија. Во Македонија дојде пред шест години, започна да работи во фирмата која што го правеше автопатот Демир Капија – Смоквица. Потоа работеше во италијанска фабрика за чевли, и последно во фирма која што го прави автопатот од Крива Паланка кон Бугарија. Секогаш бил одговорен, вреден, отворен кон семејството. Ова што се случува не е вообичаено за него, па затоа со право веруваме дека нешто се случило и бараме помош од надлежните институции. Тој никогаш не би заминал туку така, оставајќи го семејството во огромни грижи и неизвесност. Едноставно, тоа не е својствено за мојот син – вели Трпковска.

Пино излегол од дома минатиот понеделник со својот автомобил Шкода Фабија со регистарски таблички SK 1566 AP. Од левата страна на автомобилот имало налепница со знамињата на Македонија и ЕУ. Последна личност која го видела била негова другарка, со која поразговарал околу 15 минути пред зграда. Мајката вели дека девојката ја знаел од порано, и станувало збор за другарство, а не за врска, како што се шпекулираше во јавноста. Неговата другарка три пати била испрашана во полиција и кажала дека Пино заминал дома, бидејќи, како што рекол, сакал да се одмори, оти наредниот ден бил на работа.

Во вторникот се вратив дома, од Италија, Пино го немаше. Со татко му помисливме дека ноќта ја поминал кај девојка, што друго би ни паднало на памет прво… Но, тој не одговори на нашите телефонски повици и тогаш веќе започнаа грижите. Му ѕвоневме на двата телефони, и на приватниот и на тој од работа. Последен пат беше достапен во шест часот и 40 минути, во вторникот наутро. Потоа и двата телефони се исклучија. Не знам дали нешто се крие од мене, но јас морам да ја знам вистината. Ги дадов кодовите од телефоните во полиција уште во петокот, ми рекоа дека за два часа може да се лоцираат, но до денес нема ништо… Едниот телелефон е од оние на кои не може да им се отстрани батеријата, значи нема шанси да не биде лоциран. Околу картичките од банка, да се провери дали евентуално подигал пари, ми се кажува дека се чека на јавен обвинител, бидејќи Пино е полнолетен. Но, јас инсистирам да се провери се во најкраток можен рок, бидејќи верувам дека нешто се случило и секоја минута е важна. Инспекторите ми кажуваат дека работат на случајот, и тоа е се – раскажува мајката.

Нејзиниот син имал македонски и италијански пасош, кои ги носел со себе во автомобилот, бидејќи од работа често патувал во Бугарија. Со себе немал многу пари, а на картичките, мајката вели дека имал околу 100 евра.

Што ли не ни минува низ глава… Како може да не се најде барем автомобилот до сега, како може да не се пронајде возрасен човек? Дали нешто се крие од мене, или едноставно нештата така функционираат, споро, се нешто треба да се чека? Апелирам до сите граѓани кои имаат било какви сознанија, да пријават во полиција, апелирам и до надлежните да ги превземат сите потребни мерки за пронаоѓање на нашето дете. Доколку не бевме убедени дека нешто се случило, доколку вакви нешта ни беа вообичаени, немаше ниту да реагираме. Но, се плашиме дека нешто лошо се случило и бараме помош, без оглед на тоа што Пино е полнолетен – вели Трпковска.

Од МВР тврдат дека истрагата е во тек и дека работат на случајот за пронаоѓање на исчезнатото момче, но во моментов не можат да дадат повеќе информации бидејќи за време на истрага не е време за информирање на јавноста.