Мадуро промовира капки од мајчина душица како чудотворен лек против Ковид-19

93

Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, промовира „чудотворен лек“ за кој тврди дека лечи од Ковид-19 без несакани ефекти. Британските медиуми пренесуваат дека Мадуро пред три дена на телевизија го претставил лекот „Карвативир“, орална суспензија за која самиот тврди дека е тестиран врз пациенти во болница во Каракас и во спортски центар што се користи како привремена болница.

„Лекот помина низ деветмесечни испитувања, тестирања, клиничка примена врз многу болни луѓе кои беа на респиратори и можевме да ги повратиме“, изјави Мадуро во неделата.

Течноста, според него, се чудесните капки на Хозе Грегори Хернандез, венецуелски лекар кој живеел во 19 век. Лекарите, пак велат дека „Карвативир“ се темели на мајчина душица, растение кое со векови се користи во традиционалната медицина, но чие влијание врз коронавирусот не е утврдено.

Националната медицинска академија соопшти дека „Карвативир“ поседува терапевтски потенцијал против коронавирусот. Но, според научниците, треба да се почекаат повеќе податоци од истражувањето за да се смета дека е делотворен против Ковид-19.