Љубов – еден збор, наплив на емоции

153

Љубов – збор од пет букви, збор што ги инспирира врвните поети да пишуваат, најдобрите пеjачи да пеат и најголемите филозофи да размислуваат.

Љубовта е најубавиот подарок. Љубовта е емоција, љубовта е благослов. Да љубиш значи дека постоиш, дека дишиш и дека веруваш.

Веруваш во суштината на постоењето. Веруваш дека не си залудно фрлен во овој хаотичен свет и дека живееш со некаква цел. Цел да љубиш. На страна од кариерата и сите успеси кои ти ги носи животот.

Момент само за тебе. Момент кој ти припаѓа само тебе. Момент на среќа. Момент на емоции и страсти. Наплив на емоции.

Не постои дефиниција и формула за љубовта. Секој на свој начин, во свој универзум различно ја чувствува. Секој различно ја вдишува. Секој различно ја покажува.

Не постои поубаво чувство од тоа да си легнуваш навечер и да се будиш наутро знаејќи дека си сакан од некого. Дека имаш рамо за плачење и прегратка за среќа.

И не, не мислам само на љубовта помеѓу две сродни души, мислам на сета љубов околу нас. Љубовта од фамилијата, другарите, роднините, миленичето.

Љубовта е таа која ги руши ѕидовите од бетон и го омекнува и најкаменото срце. Кога љубиме не знаеме за омраза, тага, болка, гнев и очај. Живееме во моментот заборавајќи на сѐ што се случува околу нас.

Очите ни блескаат повеќе од ѕвездите на небото, а срцето само што не ни испаднало од градите.

Забораваме на сите предрасуди, забораваме на гордоста!

Кога таа нѐ скокотка во стомакот и ни предизвикува топлина која ни ја прегрнува душата, тогаш сме свесни дека треба да бидеме горди и благодарни на можноста да почувствуваме толку посебно нешто.

Љубовта ни го одзема здивот. Неа секој и се потчинува. И најсилниот. И најхрабриот. И најгордиот. И најправедниот. Луѓе што не љубеле, никогаш не живееле. Залудно талкале низ животот. Без намера. Без цел.

Животот поминат без доволно љубов е еднаков на потрошен живот. Нас љубовта не сплотува, љубовта не обединува, љубовта е таа која не прави посилни и непобедливи. Светот без љубов е како пустина. Пустина без вода.