„Лидл“ во Скопје ќе биде вистински хит: Нема повеќе да трчаме во Солун или во Врање

72

Мега германскиот маркет „Лидл“ во Скопје ќе биде големо олеснување за илјадниците граѓани кои, како што велат, буквално трчаа во Солун да испазарат токму таму. Некои од нив за Фактор посочуваат дека со воодушевување чекаат да се отвори и тука по веста дека веќе се регистрираше во Централниот  регистар.

-Навистина убава вест и не е важно кога точно ќе ги отвори вратите. Важно е дека наскоро ќе го имаме. Не мора повеќе да се патува во Солун или во последно време во Врање за да се купат различни производи по пониски цени, иако еднодневните шопинзи со автобус некогаш се прават и од забава. Не знаеме само дали ќе има производи кои можат да се најдат на рафтовите, на пример во оној „Лидл“ кој е во Солун, велат соговорниците на Фактор кои пред епидемијата на корона вирусот, секои две недели патувале во Грција на шопинг во Космо, Икеа и патувањето задолжително го завршувале во Лидл.

Истовремено посочуваат и дека во Македонија недостига и шведската компанија „Икеа“, бидејќи огромна бројка од граѓаните за уредување на своите домови купуваат производи од шведскиот производител.

Инаку, како што изминатава недела пишуваше Фактор, германскиот трговски синџир „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Сопственик е германската матична компанија ВЕ-Интернационал Цвајте ГмбХ од Некарзулм, но субјектот специјализиран за трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ќе биде управуван од Софија, од бизнисмените Милена Емилова Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев. Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.