Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, го оцени како неприфатливо апсењето на Русинката Марија Бутинa во САД, која е обвинета за обид да влијае на американската политика преку политички организации во корист на Русија.
„Лавров во телефонски разговор со американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека е неприфатливо тоа што американските власти ја уапсиле руската државјанка врз основа на наместени обвиненија“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Веста за нејзиното апсење беше објавена неколку часа по состанокот на претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп што се одржа во понеделникот во Хелсинки.