Италијанскиот остров Сардинија е сместен во срцето на Тиренското море и од дистанца го набљудува Апенинскиот полуостров.
Неговиот брег е опкружен со голем дел песочни плажи, а еднаш кога ќе се искапете тука, ќе посакате повторно да се вратите. Сепак, островот е и брдовит, а токму на патот кон брдата и во самите брда пастирите произведуваат „казу марцу“ (casu marzu) – според многумина најопасното сирење на светот, пренесува „CNN“.
Во сирењето се наоѓаат живи црви, а иако се консумира и без црвите, многумина токму поради оригиналноста, во текот на посетата на Сардинија сакаат да го пробаат овој деликатес заедно со неговите „жители“. Поради тоа неговата продажба не е дозволена – нема да го најдете на менијата во рестораните, но ако знаете каде да барате, порано или подоцна ќе дојдете до него…

Ако припаѓате на онаа група луѓе кои можат да го надминат чувството на јадење црви, големи се шансите ова сирење да ви се допадне. Имено, има арома која потсетува на медитеранските пасишта, но воедно и е прилично зачинетo, па неговиот „афтертејст“ се чувствува со часови.
Секако, некои тврдат дека „казу марцу“ е силен афродизијак, додека други предупредуваат на опасност бидејќи црвите би можеле да го преживеат загризот и да предизвикаат мијаза – болест која може да ги оштети цревата. Но, праксата сепак говори дека досега не е забележан ниту еден таков случај.

Кога ќе погледнеме назад во историјата, тешко е да се каже кога започнало производството на ваквото сирење бидејќи дури во 1999 година, Виторио Агнети (доктор од Модена) ја посетил Сардинија и составил книга со 6 локални рецепти.
Што се однесува до самото производство, сирењето започнува да се произведува кон крајот на јуни, кога доаѓа до промена на овчото млеко, а за консумација е вообичаено спремно по 3 месеци.
Иако е заштитен како традиционален производ, италијанските власти ја ограничиле неговата консумација уште од дамнешни времиња, па така казните за неговата продажба изнесуваат и до 53.000 евра.