Клиентите на Еуростандард банка се надеваат на обештетување од државата

62

Оштетените штедачи во банката која отиде во стечај имале средби со премиерот и вицепремиерот за економија, како и со сите пратенички групи во Собранието, по што очекуваат во наредните денови да се подготви закон за нивно обештетување

Oштетени штедачи од Еуростандард Банка имале состаноци со сите пратенички групи во Собранието, со цел да се наде решение за нивно обештетување по пропаѓањето на банката.

Здружението на оштетени штедачи бара итно да се донесе законско решение со кое државата ќе ги преземе побарувањата на физичките и правни лица депоненти во Еуростандард Банка и во целост парично ќе ги обештети, а потоа државата да наплати од стечајната маса.

„За ова барање, Здружението претходно доби поддршка и од Владата, на состанок со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Фатмир Битиќи, каде што беше искажана волја за наоѓање решение на проблемот од нивна страна. Пратеничките групи од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива,како и Левица, дадоа целосна поддршка за носење на законско решение во најскоро можно време со кое ќе се изврши целосно парично обештетување на физичките и правни лица депоненти од Еуростандард Банка. Во наредните денови очекуваме да се дефинира текстот на законот, со цел да се заштитат граѓаните и фирмите од понатамошни трагедии и последици кои ќе настанат не по нивна вина“,

се наведува во соопштението од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард Банка.