Ќе чекаат до последен момент: Само двајца европски лидери не му ја честитаа победата на Бајден

185

Од моментот кога беше објавено дека Џо Бајден е победник на претседателските избори во САД, започнаа да пристигнуваат реакции од целиот свет. На Бајден му честитаа светските лидери од Канада до Индија, но има и такви кои сè уште се немаат огласено.

Познато е дека актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп им беше фаворит на претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, како и на унгарскиот премиер Виктор Орбан, па воопшто не зачудува тоа што и двајцата сè уште се немаат огласено.

“AFP” пренесува дека победата на Бајден е голем удар за Болсонаро кој го поддржуваше Трамп до самиот крај на кампањата. Орбан исто така не му честиташе на Бајден, а весникот „Ориго“, инаку кој има репутација на „про-владин медиум“, пишува за „Хаосот во Америка“.

Пред неколку месеци, Виктор Орбан јавно порача дека е уверен во победата на Трамп и нема „План Б“ доколку Бајден биде победник на изборите.

„Имаме исклучително добри односи со Трамп. Нивото на отвореност, пријателство и меѓусебно помагање ќе биде пониска (ако победи кандидатот на Демократите, Џо Бајден). Но, моите пресметки се добри, Трамп ќе победи“, порача Орбан.

Инаку, Виктор Орбан е единствениот лидер од Централна Европа кој не му честиташе на Бајден и еден од само двајцата европски лидери кои не го направија тоа. Вториот европски лидер е словенечкиот премиер Јанез Јанша кој прерано дури му честиташе на Трамп.

На Бајден досега не му честиташе ниту „првиот сосед“, претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез кој нагласи дека ќе го почека судскиот расплет на претседателските избори во Соединетите Американски Држави.

Да потсетиме, синоќа и македонскиот претседател Стево Пендаровски се придружи на честитките упатени до Џо Бајден.

„Честитки за Џо Бајден и Камала Харис за изборната победа! Очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата“, напиша претседателот Пендаровски на „Фејсбук“.