Кина бара објаснување од Америка: Зошто купувате толку шпионска опрема за амбасадата! Викиликс открил 16.000 барања за набавка на уреди за следење

310

Официјален Пекинг бара од Америка да и ги објасни на меѓународната заедница барањата на нивните амбасади за набавка на шпионска опрема и уреди.

На прес-конференцијата одржана во Пекинг, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи, изнела податоци кои ги објавил порталот Викиликс, за повеќе од 16.000 барања за набавка на американските амбасади во различни делови од светот, вклучувајќи и шпионска опрема и уреди.

Викиликс открива дека во август минатата година само американската амбасада во Ел Салвадор побарала купување на 94 камери скриени во секојдневни предмети како што се кравати, капи, часовници, УСБ стикови, запалки и пенкала…

Дипломатската мисија во Колумбија поднела исто барање, наведува “Викиликс”.

Пекинг го повикува Вашингтон да и објасни на меѓународната заедница зошто амбасадите купуваат толку шпионски уреди, за кои цели и против кого ги користат.

“Пред само неколку дена САД ја обвинија Кина дека со години ја загрозува американската безбедност. Документите кои ги објави “Викиликс” служат како доказ дека САД повторно направија драма за да обвинат некој друг”, рекла кинеската службеничка.

“Вашингтон има создадено огромна мрежа за шпионски надзор на глобално ниво, вклучувајќи ги и своите сојузници, па сега му објаснува на остатокот на светот што се случило пред пет години”, рекла портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.

Зборувајќи на темата кибернетичка безбедност, таа ги советувала сојузниците на Белата куќа “никогаш да не ја заборават болката, дури ни кога раната ќе се се залечи”, потсетувајќи ги на скандалот со следењето и надзор во рамките на програмата PRISM.

Вашингтон и Пекинг моментално се во трговска војна која ја започнала администрацијата на претседателот Доналд Трамп под разни изговори, како што е кражба на технологија и интелектуална сопственост на американските компании од страна на кинеските технолошки компании.

Белата куќа на 11-ти декември соопштила дека подготвува одмазда против Кина поради трајните напори на Пекинг во крадењето на американски деловни тајни. Кина, меѓутоа, ги отфрла тие обвиненија и бара Вашингтон да изнесе било каков доказ со кој би ги поткрепил тие тврдења.