Ким се откажа од големата воена парада: Наместо моќно оружје, луѓето ќе гледаат цвеќиња!

832

Денес во Северна Кореја се прославува роденденот на поранешниот лидер на земјата Ким Ил Сунг и се повикуваат граѓаните да бидат лојални на неговиот внук и актуелен лидер Ким Јонг Ун.

Уредникот на главниот севернокорејски весник Родонг Синмун, во коментарот по повод 107 роденден на Ким Ил Сунг, го пофали основачот на државата и ја повика земјата да го поддржи актуелниот лидер и да го следи неговото водење на државата до крајот, пренесува „Јонхап“.

Денешниот ден се смета за еден од најголемите национални празници во Северна Кореја, а оваа година во земјата беа организирани низа на случувања со цел да се зајакне власта на Ким Јонг Ун во земјата.

Државната телевизија ја започна својата програма порано од вообичаеното, емитувајќи програми кои ги нагласуваат достигнувањата на починатиот лидер и легитимноста на актуелниот режим на неговиот внук, Ким Јонг Ун.

И останатите државни медиуми во Северна Кореја објавија низа на пораки кои што ги добиле од странски организации во кои поранешниот лидер се слави како светски лидер.

Инаку, во изминатите години овој ден се одбележуваше со организирање на голема воена парада, но оваа година властите од Пјонгјанг се воздржаа од организација на такви провокативни собири.

Наместо воената парада, севернокорејските власти организираа фестивал на цвеќето на кој присуствуваа бројни семејства. Во текот на целиот ден граѓани пристигнуваат покрај споменикот и положуваат цвеќе и му искажуваат почит на поранешниот лидер.