Како Бучковски се врати на сцената како „олеснувач“ за Бугарија

408

Именувањето на поранешниот премиер и лидер на СДСМ за специјален пратеник за Софија, иако беше ненадејно, сепак, не е случајно

Бучковски минатата седмица му изрази силна поддршка на Заев, по лавината реакции околу неговото интервју за БГНЕС, а спротивно на ставот на Црвенковски, Митрева и други поранешни функциондери во СДСМ

Некогашниот премиер Владо Бучковски се врати на политичката сцена во земјава една и пол деценија откако земјава, во декември 2005 година, во периодот на владеење на неговата коалициска влада на СДСМ и на ДУИ го доби кандидатскиот стаус во ЕУ.

Тој денеска го имаше првиот работен ден како „олеснувач“ на разговорите со Бугарија, за што веќе замина на средба со актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.

Пред да замине на средбата со Османи, Бучковски, во гостување на ТВ 24, изјави дека новата позиција е голем предизвик за него и дека е убеден во успех, затоа што има излезни решенија.

„Недопустливо е ние да биде понижени, нашите црвени линии се исцртуваат, јасно е во кој правец треба да се најдат решенијата. Ми се допадна дефиницијата на Османи, мора да ја вратиме довербата во процесот, процесот е нарушен. За Македонија нема друга мисија, мора да сме трпеливи, ова мора сега да го решиме. Не гледам дека ќе има промена на политичката сцена во Бугарија. Додека разговараме тимовите работат, бараат решение“,

изјави Бучковски.

Сегашната влада на СДСМ и на ДУИ, предводена од Зоран Заев, некогашниот близок соработник на Бучковски на „Бихаќска“, вчера го именува поранешниот премиер за специјален претставник за Бугарија. Одлуката за тоа дојде во време кога процесот на интеграција на земјава во ЕУ е повторно загрозен, по стагнацијата што следеше на тој пат цели десет години, по смената на власта во 2006 година и големиот пробив што беше направен оваа пролет – со одлуката за почеток на преговорите.