„Јас сум мајка, Италијанка, христијанка“: Која е идната премиерка на Италија?

343

Џорџа Мелони (45), веројатно ќе стане прва премиерка на Италија и тоа на чело на најдесната влада од Втората светска војна. Според привремените резултати, десниот блок на чело со „Браќа на Италија“, партијата која ја води Мелони, би требало да има убедливо мнозинство во двата дома на италијанскиот парламент.

Во коалицијата се и Форца Италија чиј шеф е Силвио Берлускони и крајната десничарска партија Лига. Мелони успешно ја ребрендирала својата партија Браќа на Италија во доминантна конзервативна сила во земјата, но не ги избришала во целост нејзините постфашистички корени.

„Жена, мајка, Италијанка и христијанка“

„Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум христијанка. Тоа никој нема да ми го одземе“, им рекла Мелони на приврзаниците во центарот на Рим.

Таа фраза станала лајтмотив на политичкиот подем на Џорџа Мелони од лидерка на маргинална партија со корени од италијанската неофашистичка десница до идна премиерка. „Бог, земја, семејство“, е слоганот под кој Мелони ја водела кампањата, а станува збор за слоган кој го користеле фашисти.

На 19 години го фалела Мусолини

Мелони пораснала во римска Гарбатели, работничка населба со силна левичарска традиција. Мелони во 1992-ра година, на возраст од 15 години, се приклучила кон сега веќе непостоечкото националистичко италијанско социјално движење „Movimento Sociale Italiano“.

Мелони имала 19 години кога странските медиуми прв пат ја интервјуирале додека се борела во изборната кампања во својот роден Рим. Тогаш на француските новинари им кажала дека Бенито Мусолини бил добар политичар, бидејќи сè што правел, го правел за Италија. Подоцна ќе го промени тонот, зборувајќи дека диктаторот направил грешки.

Од основањето на Браќа на Италија, Мелони се искачувала кон врвот на партијата.

Противничка на абортусот, истополни бракови, го поддржувала и Путин

Во текот на кампањата Мелони зборувала дека е подготвена да ја преземе власта и да се бори со проблемите со инфлацијата и енергетската криза. На изборите во 2018-та година нејзината партија кои ја основале приврзаници на Мусолини добила само четири проценти од гласовите. Партијата Браќа на Италија е основана во 2012-та година, кога се пренело наследството и духот на екстремната десница во Италија.

Се до неодамна нејзините идеолошки примери го вклучувале и рускиот претседател Владимир Путин, кого го фалела поради одбраната на европските вредности и христијанскиот идентитет во својата книга „Јас сум Џорџа“ од 2021-ва година.

Но, од тогаш се дистанцирала од рускиот претседател, недвосмислено осудувајќи ја неговата инвазија на Украина и поддржувајќи ги западните санкции за Москва. Мелони и нејзината партија се против абортусот и истополните бракови, како и против мигрантите.

Иако Мелони тврди дека нема да го укине италијанскиот закон за абортус, Браќа на Италија веќе ја ограничиле неговата примена во регионите кои партијата ги контролира. Мелони ја намалува важноста на постфашистичките корени на партијата и ја претставува како „мејнстрим“ политичка групација како британските конзервативци.

„Италијанската десница го осудува гушењето на демократијата и срамните антиеврејски закони“

„Жестоко се спротивставуваме на секое антидемократско придвижување, но тоа не го гледаме кај италијанската и европската левица. Италијанската десница веќе со децении недвосмислено го осудува гушењето на демократијата и срамните антиеврејски закони“, рекла Мелони во порака пратена до странските медиуми на англиски, француски и шпански јазик.

Победничкиот говор со мирен тон

Во текот на победничкиот говор вчера Мелони имала мирен тон.

„Ако сме повикани да управуваме со оваа земја, ќе го правиме тоа за сите Италијанци со цел обединување на луѓето и фокусирање на тоа што не обединува, а не тоа што не раздвојува. Време е за одговорност“, рекла таа.