Иранскиот врховен лидер со моќна порака до непријателите: “Ќе напаѓаме 10 пати повеќе”

804

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеј ги предупреди денес сите со остриот одговор од својата земја во случај да биде нападната од непријатели, истакнувајќи дека иранската балистичка ракетна програма е клучна за одбраната и дека западните барања за да се укине таа програма е “сон кој нема никогаш да се оствари”.

“Техеран ќе нападне десет пати повеќе доколку го нападнат непријателите…непријателите не сакаат независен Техеран во регионот”, рече Хамнеј во обраќањето во живо на државната телевизија.

Хамнеј истакна дека непријателите на Иран водат “економска и психолошка војна против таа земја, а новите американски санкции се дел од тоа”.

“Некои Европејци говорат за ограничување на нашиот одбранбен ракетен систем. Со тоа на Европејците им кажувам дека тоа е сон кој никогаш нема да се оствари”, истакна тој.

Тој рече дека Иран нема намера да го намали своето влијание на Блискиот исток и ја повика арапската младина да биде отпорна на американскиот притисок.

“Млади Арапи, би требало да преземете акција и иницијатива за да ја контролирате сопствената иднина…некои регионални земји делуваат како непријатели на сопствениот народ”, истакна Хамнеј.

Тој со оваа порака посочил кон државите од Арапскиот залив, сојузнички на САД, кои ги поддржале бунтовниците кои се бореа да го соборат сирискиот претседател Башар ал-Асад, блискиот сојузник на Техеран.