Идеја на десничарите: Австрија објави Десет заповеди за бегалците!

574

Барателите на азил во најголемата австриска покраина ќе мора да потпишат дека ќе ги почитуваат „Десетте заповеди за доселениците“.

Како што пренесуваат австриските медиуми, бегалците кои што пристигнале во Австрија ќе мора да ги почитуваат „заповедите“, меѓу кои се наоѓа и задолжителното изучување на германскиот јазик.

Ова е предлог на високи функционери од покраинската влада во Долна Австрија кои доаѓаат од десничарските партии.

Меѓу заповедите биле и „Почитувај ги австриските закони“, потоа „Конфликтите решавај ги на мирољубив начин“ и „Биди благодарен на австриската држава“.

„Ги заштитуваме тие луѓе и одредено време им даваме се што им треба. За возврат очекуваме барем малку благодарност за тоа“, изјави Готфрид Валдхаеусл, кој во најголемата австриска покраина Долна Австрија е задолжен за бегалците.

Како што пренесуваат австриските медиуми, барателите на азил сепак нема да бидат казнувани ако не ги почитуваат Десетте заповеди.

Валдхаеусл, политичар од Слободарската партија пред неколку месеци се најде на мета на критики откако испрати малолетни бегалци без родителска придружба во прифатилиште опкружено со бодликава жица кое што било чувано од обезбедување.

Шефицата на десничарската влада на Долна Австрија, Јохана Микл-Леитнер поради притисоците од јавноста, подоцна одлучи да ги премести младите бегалци во прифатилиште со похумани услови.