Грабар-Китаровиќ: Хрватска го поддржува ширењето на НАТО, но тоа не е насочено против Русија

807

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека го поддржува ширењето на НАТО во регионот, но дека секоја земја сама треба да одлучи дали ќе се приклучи кон Алијансата.

Во интервјуто за московски „Комерсант“ Грабар-Киравиќ посочи дека на оние земји кои сакаат членство во НАТО, Хрватска ќе им пружи политичка поддршка и помош да ги исполнат критериумите неопходни за влез во неа.

– Сакам да им порачам на Русите: ширењето на НАТО на ниту еден начин не е насочено против Русија, ние Русија не ја доживуваме како противник, изјави шефицата на хрватската држава.

Таа оцени дека евроатлантските интеграции на сите земји од Југоисточна Европа се „неопходен услов за мир и стабилност во регионот“.

– Би имале простор каде ќе можеме да седнеме зад иста маса и да разговараме пред проблемите да преминат во взаемна агресија, рече Грабар-Китаровиќ.

Хрватската претседателка потсети дека нејзината земја е членка на ЕУ и НАТО и оти од неа се очекува солидарност и да се однесува како член на едно семејство, но и дека истовремено, тоа не ги исклучува односите меѓу Русија и Хрватска и заедничките интереси.

Грабар-Китаровиќ изрази надеж дека Владимир Путин ќе дојде во официјална посета на Хрватска, потсетувајќи дека тоа би била прва државна посета на  руски претседател на Загреб.