“Гласајте за Трамп, или доаѓаме по вас”: Кој се крие зад заканувачките мејлови

94

Шефот на американските тајни служби, Џон Ретклиф и директорот на ФБИ, Кристофер Реј, го обвиниле Иран дека се меша во американските избори со заканувачки мејлови кои им ги праќаат на гласачите во САД, лажно претставувајќи се како припадници на десничарската група “Горди момчиња”.

“Зад лажните мејлови, креирани да ги заплашат гласачите, да поттикнат социјални немири и да му нанесат штета на претседателот Доналд Трамп, стои Техеран”, рекол Ретклиф на прес-конференција.

Приврзаниците на на Демократите од Флорида и Алјаска навеле дека добивале заканувачки мејлови во кои пишува дека “Гордите момци” во посед ги имаат сите нивните податоци и од нив бараат да гласаат за американскиот претседател Доналд Трамп, или “ќе дојдат по нив”.

Директорот на ФБИ рекол дека изгледа дека Иран добил информации за американските гласачи и ги користел за праќање на електронска пошта, нарекувајќи го тоа “очајнички потег на очајни противници”.

Реј ги повикал Американците информации за гласањето да побараат од доверливи извори, како државни службеници, а рекол дека ФБИ координира со приватниот сектор, како технолошки така и на социјалните мрежи, за да обезбеди странски актери да не ги користат нивните платформи за ширење на дезинформации и пропаганда.

Нешто порано “Washington Post” известил за наводна иранска кампања, повикувајќи се на неименувани службеници од Националната безбедност.

Податоците од електронските адреси укажувале на сервери во Саудиска Арабија, Естонија, Сингапур и ОАЕ, според наводите на изворите кои ги цитира “Washigton Post”.

Критичарите на Трамп, кои сега го поддржуваат Џо Бајден, мејловите ги претставиле како доказ дека претседателот на САД се обидува да ги заплаши гласачите пред претседателските избори на 3-ти ноември.

Официјален Техеран негирал дека се обидува да се вмеша во изборите во САД, тврдејќи дека за разлика од Вашингтон, не го “става носот” во работите на други земји, пренесува “RT”.