Се проценува дека повеќе од 90% од француските деца на околу 12 годишна возраст поседуваат паметен телефон.
Француските ученици ќе мора додека се на училиште „да заборават на своите телефони“ после нацрт законот на францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланкер. Францускиот министер го претстави законот како „мерка на детоксикација“ за борбата против зависноста и злоставувањето.
Претседателот Емануел Макрон чија што партија го има мнозинството во Парламентот, се надева на брзо усвојување на законот. Основните училишта без мобилни телефони беше едно од предизборните ветувања на Емануел Макрон.
Оваа француска иницијатива предизвика голем интерес и во Велика Британија и Ирска каде што исто така се размислува за воведување на сличен закон.
„Мобилните телефони го претставуваат технолошкиот напредок, но не смеат да го монополизираат нашиот живот“, изјави францускиот министер за образование за телевизискиот канал “LCI News”.
„Не можете да се снаоѓате во технолошкиот свет ако не знаете да читате, пишувате, сметате, да ги почитувате другите, да работите во тим и слично“, додаде тој.
Новиот закон се однесува и на наставниците, а тоа предизвика негодувања кај дел од нив кои што сметаат дека тоа е навреда за возрасните луѓе и претставува безбедносен ризик – нагласувајќи дека наставниците сепак мора да имаат телефони со себе за во случај на некаква вондредна ситуација.
Најголемите поддржувачи на ваквата мерка тврдат дека употребата на паметните телефони од страна на децата и младите го влошува интернет злоставувањето, го олеснува пристапот до порнографијата и ја поткопува способноста за општествена интеракција. Меѓу останатите причини за воведување на законот се кражбата на телефони, рекетот и опсесијата со марките.