Само еден парфем и две штеки цигари може да си купите од фри-шоп!

815

Од 1 јуни стартуваше сезоната на годишни одмори, а македонските граѓани секоја година се приспособуваат на правилата за патување во странство. Но најголемиот број се запознаени со практичните правила што се бараат на граничните премини и царината, а тоа се однесува на тоа што можат да изнесат од земјава, како и што можат да внесат и количината.

Една од актуелните страници каде што можат да добијат детални податоци е и сајтот на Царинската управа на РМ, каде што точно може да се види која акцизна стока кога се увезува во земјава и дали подлежи на плаќање увозни давачки. Така ќе можете да имате самоконтрола на вашата торба кога пазарувате во граничните продавници и фри-шоповите.

– Македонските и странските државјани при премин на границата, односно влез во Македонија, се ослободени од плаќање на увозни давачки како што е царина, ДДВ и акциза за стоката што ја купиле за лична употреба во текот на престојот во странската држава, а која истовремено е и личен багаж. Конкретно тоа може да бидат преработки од тутун и тоа 200 цигари или 100 цигарилоси (цигари со максимална тежина од три грама за парче) или 50 пури, или 250 грама тутун за пушење. Во дозволениот пренос на граница може да се пренесе литар жестоки алкохолни пијалаци кои се со процент на алкохол над 22% и алкохолни пијалаци со процент на алкохол што не надминува 22% како што е две 2 литри вино – стои на официјалниот сајт на Царинската управа на РМ.

Поединечно секој може да внесе и по едно шишенце парфем од 50 мл или 250 мл тоалетна вода. Од ЦУ предупредуваат дека ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалаци не важат за патници помлади од 18 години.

Домашните патници, исто така, се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа со вредност до 350 евра. Но како што објаснуваат од ЦУ во овие 350 евра ослободување не влегуваат алкохолни пијалаци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.

 

Kолку странски пари можеме да изнесеме од земјава

Резидентите, односно државјаните на РМ, но и оние кои не се државјани но претстојуваат во земјава, при патување надвор од Македонија можат слободно да изнесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 2.000 евра.

Но тие можат да изнесуваат и ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност од 2.000 до 10.000 евра, само ако при преминот на државната граница кај надлежните царински органи го пријават износот на ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари што го изнесуваат.

Но, за овие пари резидентите треба да поседуваат потврда од овластена банка или менувачница за купување на странски ефективни пари или врз основа на потврда од банка за подигање на девизи од сопствена девизна сметка.

Потврдата важи до првото преоѓање на границата, а најдоцна 90 дена од денот на издавањето.
Резидентите не смеат да изнесуваат ефективни странски пари и чекови во вредност над 10.000 евра.

Што се однесува пак на странските државјани кога ја поминуваат македонската граница, односно излегуваат, износот на пари не смее да биде поголема од износот што го пријавиле при влез на државната граница кај надлежните царински органи.

И домашните миленичиња може да патуваат во странство

Ако при патување сакате да го земете со себе домашното милениче, тогаш треба да имате со себе посебна дозвола.

Како што информираат од ЦУ за секој домашен миленик кој се пренесува преку граничен премин на земјава, сопственикот треба да поседува соодветна документација за идентификација, односно ветеринарно-здравствен сертификат издаден од официјален ветеринар од земјата на испорака, како и пасош издаден од официјален ветеринар кој е задолжителен за сите видови кучиња, мачиња и ласици. Доколку, пак, домашното милениче е птица, тогаш нејзиниот соственик треба да поседува изјава издадена од сопственикот или одговорното лице, која е задолжителна за сите видови птици, под услов да доаѓаат од земја која е членка на Меѓународната организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ).

Царинските органи дозволува и увоз во Македонија на домашни миленици кои не се наменети за трговија, без разлика на бројот на единките, доколку Управата за ветеринарство по претходно извршена проверка и преглед на граничниот премин издаде согласност за увоз, односно ветеринарен влезен документ ВВД.

 Дали може да внесеме сирење и кашкавал

Патниците можат да внесат производи од животинско потекло купени во странство на територијата на Македонија како што е сирење, кашкавал, сувомесни производи најмногу до еден килограм.

Доколку се работи за поголема количина патникот треба да поседува потврда за извршен задолжителен преглед на стоката од страна на ветринарно-санитарен инспекторат.

Лекови само за сопствени потреби

За внесување на лекови за соствени потреби во земјава потребно е посебно одобрение издадено од Агенцијата за лекови и медицински средства.

Исто така треба да се поседува и потврда од матична здравствена установа со податоци за идентификација на лекот и пациентот, видот на заболувањето, како и потпис на лекарот од кои може да се увиди потребата за набавување на лековите од тој пациент.

Исто така за лековите кои во себе содржат опојни дроги или психотропни супстанции, потребно е патникот да поседува потврда издадена од Агенцијата за лекови и медицински средства.

Што се однесува пак за културното наследство од царината потенцираат дека тоа не смее да се извезе. Но културно наследство што не е под општа забрана за извоз, како и добро што претставува национално богатство, може да се извезува само со дозвола на Управата за заштита на културно наследство.