Филипче се сретна со медицинските сестри кои дадоа отказ

537

Министерот за здравство, Венко Филипче утринава лично се сретнал со трите медицински сестри од Инфективната клиника во Скопје кои одлучија да дадат отказ.

Филипче на својот профил на „Фејсбук“ објави дека остварил средба со трите медицински сестри со кои разговарал за изнаоѓање начин тие сепак да останат да работат во клиниката.

„Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници“, напиша министерот Филипче.

Да потсетиме, главната медицинска сестра на Инфективна клиника, Зорица Љубичиќ Митиќ, пред два дена дала отказ на работното место, а неодмна истото го сториле и уште две медицински сестри.

„Причините за да ја напуштам Клиниката по 28 години професионална посветеност се многубројни, но би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважните алки во медицинскиот тим“, напишала Љубичиќ Митиќ во отказното писмо.