Филипче: Нов тендер за реагенси кога ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач

246

Министерството за здравство ќе распише нов тендер за набавка на реагенси, кој исто како и првиот, ќе биде во вредност од 36 милиони евра, но дури кога ќе се утврди зошто на сегашниот тендер се јавил само еден понудувач. Министерот за здравство, Венко Филиче, утрово ја прекина тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи, што изминативе неколку денови доведе и до барање за негова оставка од неколку политички партии поради сомнежот за наместена постапка.

„Во текот на евалуацијата утврдивме дека има недостиг во документацијата од понудувачот. Секако, тука е и сомнежот што се јави само една фирма заедно со пропустот во документацијата. Оваа тендерска постапка ја прекинавме и ќе подготвиме нов тендер кога ќе утврдиме што е тоа што нè донесе до еден понудувач. И новиот тендер ќе биде во насока на централизација“, изјави министерот Филипче за „Макфакс“.

Тој очекува за период од три години со централизираната набавка да се заштедат од 8 до 9 милиони евра во споредба со парите што досега се трошеле за таа намена. Токму заштедата, смета Филипче, го оправдува централизирањето на набавката.

„Со централизирањето најмногу ќе се заштеди на најскапите анализи. Тие не треба да се прават насекаде оти има лаборатории што прават една-два анализи месечно, а отвораат шише реагенс, количина со која може да се направат 20 анализи. Остатокот од реагенсот се фрла. Ние овој модел го правевме заедно со биохемичари со големо искуство, кои укажаа на недостатоците на сегашниот систем“, рече министерот Филипче.

Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач е фирмата „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути. Единствен контакт со компанијата, наведен во Централен регистар, е zuti45@yahoo.com. Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ и нагласи дека на истата адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.