ФИФА попушта: Регионална лига на бивша СФРЈ може лесно да се оствари!?

95

Приказните за фудбалско обединување на просторот на бивша Југославија се стари најмалку две децении, но било каков обид барем за некаков дијалог завршуваа со неуспех под образложение дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) не дозволува такви „експерименти“. Арно ама, првиот човек на светската организација Џани Инфантино веќе посочи дека се поочигледно е дека такви регионализации ќе бидат неопходни за да се подобри квалитетот во региони и по континенти низ светот.

ФИФА, како и УЕФА беа во изминативе децении премногу конкретни за било каква регионализација со стриктно „не“, па било каква приказна на таа тема немаше основа, настрана и проблемите барем за Балканот околу преголемиот ризик да се формира некаква ЈУ-лига од безбедносен аспект. Но, според Инфантино, очигледно е дека во денешниот фудбал, десетина врвни клубови ја „водат играта“, а останатите сериозно доцнат и дека регионализацијата е еден од начините да се намали длабокиот јаз на богати и сиромашни. Досега ФИФА и УЕФА посебно ги штитеа националните првенства, ама сега се свесни дека големите немаат желба премногу да се дружат со малите, а најголемиот дел од финансиите завршуваат кај богатите, па самата неконкурентност отвара простор за коренити промени.

„Мора да имаме отворена дискусија на оваа тема. Белгијците и Холанѓаните веќе сериозно работат и ја разработуваат Бенелукс-лигата. Па ние веќе 20 години одговаравме само со ‘не’, зашто се базиравме на домашните лиги. А, што ако ваквите лиги (регионалните – н.з.) му помагаат на фудбалот? Можеби таквите лиги се спас за фудбалот, за Африка, за други континенти, не само за Европа. Мислам дека наша должност е сериозно да размислиме и да отвориме дебата за вакво нешто. Не смееме да бидеме крути. ФИФА е организација која се бори за фудбалот да се развива подеднакво секаде во светот, а дали е тоа така? Мислам дека немаме еднаков развој насекаде“, вели Инфантно.

Во последно време освен лигата на Бенелукс, за која се најавува дека проектот е да стартува веќе од 2021 година со најдобрите клубови од Белгија и Холандија, проект има и за фудбалско обединување на двете Ирски, во фудбалските кругови се споменува и опција за „Хазбуршка лига“ на Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка. Обновувањето на старата Ју-лига е стара колку што е стар распадот на бившата држава.

И за сите, проектот е подобрување на квалитетот на фудбалот, поголеми финансиски приходи, попоплни трибини… Инфантино пред извесно време во Африка најави дека ќе помогне да се формира Суперлига со 20-те најдобри африкански клубови, настрана што и тие имаат Лига на шампиони по скоро ист принцип како европската Суперлига. Пред две недели, Инфантоно беше фатен со Флорентино Перез како преговараат со компании заинтересирани за ТВ-правата во кои освен за новото СП за клубови од 2021 (домаќин е Кина), се разговарало за потенцијалот и расположеноста за продажба на ТВ-права за евентуална европска Суперлига.

Очигледно е дека во следната деценија ФИФА размислува да направи коренити промени во комплетната фудбалска структура, а ваквите изјави брзо може да ги кренат балканските прогресивци во нов обид за фудбалско обединување, кое во следните 10 години би ја возобновиле ЈУ-лигата или би се формирало покомплексно балканско натпреварување со екипи и од Грција, Бугарија, Романија, Албанија и Турција.

За фудбалско обединување на регионов најголем проблем постојано посочуван е безбедноста и сè уште свежите рани по крвавата граѓанска војна, иако буквално сите се сложни дека во оваа ситуација во која се лигите во републиките што произлегоа од распадот на Југославија се под просечното ниво, а малиот број на тешки мечеви сериозно се одразува во европските пресметки, па клубовите во најгоем дел се неконкурентни. Ц. Звезда и Динамо Загреб годинава играа во ЛШ, но нивните амбиции за да презимат не се остварија, а евидентно беше дека им недостигаат поголем број на сериозни мечеви низ сезоната за да може да стигнат до таква цел, зашто најголем дел од дуелите во домашниот шампионат им се мечеви кои ги играат „во прва брзина“.