ФФМ потврди: Ангеловски ќе ја предводи Македонија на Евро 2021

51

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потврди денеска после состанокот на Управниот одбор дека Игор Ангеловски ќе ја предводи Македонија на Европското првенство летово. Како што беше најавено, Ангеловски останува селектор на националниот тим откако му заврши договорот на крајот на 2020 година.

 Претседател на ФФМ, Муамед Сејдини кажа дека ги договориле сите детали од договорот со Ангеловски.

„Како што ветивме пред јавноста за нашиот прв избор за селектор, денеска потврдуваме дека го продолжуваме патот кон успехот. Со Игор лесно се договоривме за сите детали околу продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. Ние сме професионалци и знаеме дека добрите резултати даваат поголема шанса за задржување на некоја позиција. Горди сме на сѐ што направивме како репрезентација и федерацијата ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за работа, како што впрочем беше и досега.
Селекторот со својот стручен штаб во одлична атмосфера сега треба да се подготвуваат за квалификациите за Светското првенство и Европскиот шампионат. Сите ние посакуваме да нѐ поведат кон нови успеси. Верувам дека Македонија ќе го покаже вистинското лице и праќам апел до целата нација и сите навивачи да бидеме сложни и да покажеме единство.
Пласманот на Европското првенство е сон за секое дете, а фудбалерите сега имаат исклучителен мотив за нови победи. Сега треба да помогнеме сите, на било кој начин, а потоа ќе зборуваме за нашиот пласман на ЕУРО 2020 и колку тоа значи за иднината на македонскиот фудбал“, кажа Сејдини.

Ангеловски пред нова година објави дека ги прифаќа сите услови за да остане селектор и тоа сега се случи, па експресно е продолжена соработката, но ФФМ не објави детали од договорот и со колкаво времетраење е, иако понудата била до крајот на ЕП.