ФФМ и селекторот седнаа на маса: Ангеловски добива договор до крајот на Евро 2021!

48

Игор Ангеловски речиси сигурно ќе ја предводи Македонија на годинешното Европско првенство (ЕП), прво во историјата на нашиот фудбал, откако предводникот Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини денеска му ја пренел првата понуда за евентуалното продолжување на соработката.

Неофицијално, на селекторот му бил понуден шестмесечен договор со важност до крајот на континенталниот собир, по што најверојатно ќе дојде до промена на репрезентативното кормило. Тоа значи дека Ангеловски би ги почнал квалификациите за СП 2022 во март, но не би ги довршил со оглед што би морал да замине по Евро 2021. Знаејќи го ставот на селекторот искажан во новогодишното интервју за Спорт1, реално е да се очекува да дојде до заеднички договор без разлика на понудата на ФФМ

„Ги прифаќам сите услови за нов договор, зашто националниот интерес е пред личниот“, ни изјави тогаш Ангеловски.

Популарниот Мрме на клупата на Македонија седна пред пет години, а во ноември лани го оствари најголемиот успех со победите над Косово и Грузија во плејофот од Лигата на нации. Неговиот договор заврши со крајот на 2020 година, што значи дека во моментов жолто-црвените се без предводник од клупата.