ФБИ обелодени тајни документи за нападите на 11-ти септември

27

На 20-годишнината од терористичкиот напад на 11-ти септември, ФБИ објави тајни документи за логистичката поддршка која ја имале саудиските напаѓачи.

Иако во документот се наведува дека киднаперите на авионите имале поддршка од Саудијци кои живеат во Америка, не се наведуваат докази за вмешаност на саудиски службеници во терористичките напади, пренесува “Voice of America”.

Овој документ е прв кој е објавен откако претседателот Џозеф Бајден наредил да се отстрани ознаката за тајност од материјалите во врска со нападот. Станува збор за интервју кое ФБИ во 2015-та година го водел со човек кој често контактирал со Саудијците во САД и ја поддржувал идејата напаѓачите прво да дојдат во Америка, па потоа да го изведат нападот.

Бајден минатата недела му наредил на Секретаријатот за правда да ја отстрани ознаката за тајност од документот. Семејствата на жртвите веќе долго време бараат да се отвори досие, а пред судот во Њујорк поднеле тужба против владата на Саудиска Арабија, тврдејќи дека ги поддржувала напаѓачите.

Документот бил објавен во саботата навечер, неколку часа откако Бајден присуствувал на меморијални церемонии во Њујорк, Пенсилванија и Вирџинија. Семејствата на жртвите се противеле на присуството на претседателот доколку не нареди да се објават тајните документи.

Владата на Саудиска Арабија долго ја негирала вмешаноста во нападите. Амбасадата на таа земја во Вашингтон соопштила дека го поддржува објавувањето на тајните документи за “еднаш засекогаш да завршат обвиненијата на сметка на кралството”. Исто така, амбасадата негира било каква вмешаност на Ријад.

Непосредно по нападите се јавиле шпекулации за поврзаност на Саудиска Арабија и напаѓачите бидејќи било утврдено дека 15 од 19 терористи се Саудијци, а Осама Бин Ладен, тогашен лидер на Ал Каеда, потекнува од познато саудиско семејство.

САД истражувале некои дипломати и поединци поврзани со саудиската влада кои ги познавале напаѓачите, покажуваат досега објавените документи.

Сепак, комисијата која го истражувала нападот на 11-ти септември не пронашла докази дека владата на Саудиска Арабија ги финансирала нападите кои Ал Каеда ги извела, но дека парите можеле да доаѓаат преку хуманитарни организации.