Европско архитектонско чудо: Ако успеат ова да го изградат, ќе бидат први во светот, но потребни им се милијарди

1664

Спектакуларните релјефи со кои Норвешка може да се пофали воедно се и нејзина предност и нејзина мана. Бројните фјордови се магнет за љубителите на природата, но истовремено им го отежнуваат сообраќајот на самите Норвежани.

На пример, патот од Кристијансанд, градот на југот на земјата до Трондхајм во централниот дел на Норвешка, трае цели 21 час, иако станува збор за 800 километри. За таа далечина да се мине потребно е неколку пати да се користи траект. 

Норвешката влада планира да го преполови тоа време, поради што наскоро почнува со реализација на проект вреден 40 милијарди долари.

Скапиот инфраструктурен проект подразбира мостови, најдолг и најдлабок тунел кој ќе биде избушен под морското дно. Тунелот се буши на 392 метри длабочина, а ќе биде долг 27 километри.

Сепак, најголем предизвик на ова архитектонско чудо се “пловечките” тунели, кои лежат на околу 30 метри под површината на водата.

Овие тунели не се навистина “пловечки” како што најчесто ги нарекуваат. Тие се фиксирани во место. Ги нарекуваат и уште “потопени тунели”.

Овие тунели всушност ќе бидат поставени во оние фјордови каде не е можно да се постават обични мостови, кои исто така се дел од проектот E39, најважниот магистрален пат низ Норвешка.

За овој тип на тунели размислуваат и Кина, Италија и Јужна Кореја, но ако навистина успеат да ги изградат Норвежаните, тие ќе бидат првата земја која има потопени тунели.