„Еуростандард“, 8.800 пензионери без пензија

58

Близу 9 илјади пензионери поранешни клиенти на Еуростандард банка сè уште ја немаат земено пензијата за август. Речиси е средина на септември, а овие граѓани уште ги немаат парите за минатиот месец. Фондот за пензиско осигурување најавува вонредна исплата во понеделник, но само за оние кои ќе успеат до тогаш да отворат нова трансакциска сметка во друга банка. ВО спротивно, следна шанса за да добијат пензија ќе имаат дури на крајот на месецов односно на 25-ти.

„Исплата на пензиските примања за месец август извршена е исплата на 35.487 корисници на пензија кои имале трансакциска сметка во Еуростадард банка. Со последната размена на податоци на трансакциски сметки со банките остануваат уште 8.861 пензионер…“, се наведува од Фондот за пензиско осигурување.

Пропаѓањето на Еуростандард банка ги блокираше пензиите на 50 илјади пензионери кои во трка во времето се обидуваа навремено да отворат сметки во друга банка за да може да продолжат да добиваат пари. И поштарите престанаа да ја носат пензијата на домашна адреса затоа што токму пропаднатата банка го вршеше платниот промет во Македонски пошти. Сега поштата треба да склучи договор со друга банка. Денеска истече рокот на банките да дадат одговор дали се заинтересирани за соработка. Од пошта за Алсат велат дека 8 банки се заинтересирале за тоа. Управниот одбор на поштата допрва ќе треба да почне преговори со секоја од нив.